Годишната програма за работа со деца од предучилишна возраст, претставува документ од јавен карактер кој е усогласен со Националната програма за ран детски развој, современите општествено демократски текови,  Декларацијата и Конвенцијата за правата на децата. Земајќи го во предвид фактот дека секое дете има различни развојни потенцијали и свои лични, интелектуални специфики, реализацијата на задачите предвидени со Годишната програма на ОЈУДГ „Младост“ ќе има за цел, поттикнување на детската личност да се изгради во посебна индивидуа, која ќе умее да ги почитува основните норми на општественото живеење. 

Тука се конкретизирани активностите на ниво на градинка, планираните активности за пружање поддршка и едукација на децата и семејствата, планираната бројна состојба за годината, плановите во насока на промена и подобрување на условите за престој, како и одговорностите на градинските субјекти. Добро организирано воспитание и образование на децата од предучилишната возраст е од голем општествен интерес и претставува концепт кој треба да биде заснован на добри и јасно определени принципи.

Програмата, исто така во себе ги вградува позитивните ефекти и содржини кои се реализираат во градинката по:

  • Програмите за едукација на деца од предучилишна возраст кои се донесени од МТСП: „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“; „Програма за едукација на децата од предучилишна возраст со процесот на одгледување и конзумирање на здрава храна“ и „Воведување на почит кон различност и мултикултурализам“;
  • Упатствата за планирање на активности од програмата за рано учење и развој и достигнување на стандардите за рано учење и развој: „Традиционални игри во установите“; „Спорт и спортски активности“ и „Стекнување на здрави  животни навики и безбедно однесување“ и
  • Содржини по проекти: „Градот на детските очи“, „Бонтон за деца“, „Од дете до дете“, „Рециклирање со имагинација“, „Семејство и семејни вредности“ и „Моја хигиена – моја навика“.