Воспитно-образовната дејност во градинките ја реализираат воспитувачите со асистенција на негователките, а во консултација со директорот, педагогот, дефектологот и одговорните воспитувачи на ниво на установа. Оваа дејност, во сите воспитно-образовни групи ќе се планира според Програма за рано учење и развој, донесена од МТСП на РМ.

Со цел поуспешно да се следат ефектите на воспитно-образовната дејност секој воспитувач  води Дневник за работа на воспитна група (пишан и електронски), каде се води:

  • Долгорочно годишно планирање, кое ги вклучува глобалните воспитно-образовни цели, годишни глобални теми, организациони форми на работа, методи на подучување и учење, форми на соработка со родителите/старателите
  • Среднорочно тематско планирање и
  • Дневно тематско планирање

Воспитувачите во својата работа се трудат да создадат стимулативен амбиент и холистички пристап за рано учење и развој на децата – работи со целото дете, односно има интегриран пристап на учење, нега, хранење, облекување, играње, цртање, трчање. Тоа значи дека во текот на секојдневните насочени и рутински активности не се дава приоритет само на еден поединечен сегмент од развојот на детето, туку тоа се развива во сите домени подеднакво во текот на целиот период од престојот во градинката и тоа:  

 1. Физичко здравје и моторен развој (физичка компетентност и добра физичка кондиција, активно учество во животната средина која ги опкружува, примена на здрави и безбедни практики во секојдневните активности и сл.) 

2. Социо-емоционалниот развој (самодоверба, позитивна емоционална состојба, компетентност во интеракциите со врсниците, способност за разбирање на сопствените емоции, контрола на сопствените чуства, респект и одговорност кон сличностите и различностите во заедницата). 

3. Развој на јазикот и раното описменување. Јазикот е составен од четири дела слушање, зборување, читање и пишување и неговото развивање почнува веднаш по раѓањето. Зборувањето не служи само да се разјаснат некои непознати работи, туку и да се споделат некои интересни идеи, интереси на детето, да се збогати нивниот речник и нивното разбирање на поимите кои ги слушаат. Со усвојување на јазикот детето усвојува еден комплексен симболичен систем кој го усовршува во текот на целиот живот. Експресијата на лицето  и говорот на телото кај бебето се заменува со гугање, со формирање на едноставни зборови а потоа кратки реченици. Во раното детство јазикот се развива со голема брзина децата треба да бидат изложени на различни искуства кои го поттикнуваат развојот на јазикот, јазичните и говорни вештини и писменост.

 4. Когнитивен развој и стекнување на општи знаења.  Ова е важен период, бидејќи преку овој домен децата стекнуваат способност за размислување, способност за стекнување и користење на нови информации, споосбност за решавање на проблеми и сл.

5. Развој на пристап кон учење (иницијативност, упорност и посветеност, љубопитност и интерес, креативност и инвентивност, рефлексија и интерпретација).